Советите од основачката на „Forskerfabrikken“ (Фабрика за истражување), Ханне С. Финстад, за тоа како најдобро да му помогнете на вашето бебе да научи да зборува. Добра вест за сите зборлести: протокот на зборови е од непроценливо значење за вашето бебе. Учењето да се зборува во голема мера е тренинг на квантитет. Колку повеќе бебињата се опкружени со зборови и јазик, толку подобро за нивниот јазичен развој.

– Зборувањето, читањето и пеењето на вашето бебе се темелот за разбирање на јазикот, што е важно за секое понатамошно учење, објаснува Ханне С. Финстад.
Една американска студија покажа дека двегодишните деца од „зборлести“ домови препознавале во просек по 433 зборови, наспроти двегодишните деца од потивки домови, кои препознавале по 169 зборови. Всушност, првите деца можеби слушнале дури 30 милиони зборови повеќе до моментот кога ќе наполнат три години! Финстад е биохемичарката која ја основаше „Forskerfabrikken“. Покрај тоа што нудат курсеви ширум земјата, тие спроведуваат обуки и за вработените во градинките. Целта е да се мотивираат децата да се насочат кон природните науки и технологијата.
Кога знаеме дека учењето во најголем дел се сведува на поседување богат речник, заклучокот е јасен: препуштете му се на разговорот кога сте со вашето дете!
9 совети за зборување со бебето наменети за родителите
Пред неколку години, Финстад ја објави книгата „Вашето паметно дете – Како да му помогнете на вашето дете да учи“ во издание на „Kagge Publishing“. Едно од поглавјата е посветено токму на тоа како да им се зборува на бебињата.
Еве ги нејзините совети:
- Зборувајте за сè што правите со бебето, кажувајте му го секој ваш чекор, на пример кога му менувате пелени или кога го облекувате.
- Не срамете се да зборувате дури и кога сте опкружени со непознати луѓе. Зборувајте во продавница, во музеј, во автобус, насекаде!
- Тргнете го мобилниот телефон настрана. Зборувајте!
- Ако забележите дека бебето станало свесно за нешто од околината, зборувајте за тоа.
- Кога бебето гуга и брборење, имитирајте го. Набрзо ќе се развие игра во која ќе можете да воведете нови звуци.
- Слободно држете го детето во скут додека му зборувате.
- Читајте сликовници, разговарајте и покажувајте со прст кон она што го гледате. Бидете отворени за „одговорите“ на вашето бебе и набрзо ќе имате своевиден разговор.
- Не го препуштајте зборувањето на телевизорот или на електронските апликации. Разговорот со други луѓе е од клучно значење за децата на возраст од нула до три години.
- Пеењето исто така има позитивно влијание врз јазичниот развој и чувството за јазик кај малите деца, затоа пејте песни заедно и играјте музички игри.
Погледнете подалеку од телефонот
– Најдоброто нешто што можете да го направите е едноставно да му зборувате на вашето бебе и да бидете присутни, истакнува Финстад.
Таа изразува жалење за сè поголемата тенденција кај родителите да го држат носот наведнат кон телефоните или да слушаат музика на слушалки додека се надвор. И двете работи ја спречуваат комуникацијата.
Јазичниот развој не се состои само од зборови, туку и од повратни информации во форма на говор на телото и присутност. Важно е да му покажете на бебето дека го слушате и дека обрнувате внимание на неговото гугање и првични обиди за комуникација. Кога гледа дека го слушате, му се насмевнувате, го охрабрувате, го имитирате и си играте со зборови и движења, тоа го поддржува вашето малечко и му помага во развојот на јазикот.
Зборувајте за секојдневието
Значи, треба често и многу да му зборуваме на ова мало суштество. Но, за што треба да зборуваме? Финстад препорачува да го вклучите детето во она што го правите и во она што се случува околу вас. Сметајте го тоа како вид на тековен коментар на секојдневниот живот.
На пример: „Сега ќе одиме да переме алишта, види тука, ги сортирам белите алишта одделно, а обоените алишта во друг куп. Ех, се прашувам дали треба да купиме уште млеко. Ајде да помирисаме дали млекото е расипано?“
– Треба да бидеме помалку срамежливи и да зборуваме малку повеќе на јавни места. Зборувајте дури и ако ви изгледа чудно и доколку сте поинтровертен тип, охрабрува Финстад.
Паметни доенчиња
Сè до доцните 1990-ти години, научниците веруваа дека новороденчињата се како празен лист хартија, суштества кои се грижат само за храна и гушкање. Вистината е сосема поинаква. Всушност, се испостави дека ништожно сме ги потцениле овие мали суштества!
„Бебешкиот мозок впива информации од првиот ден. Дури и четиримесечните бебиња разбираат многу нешта“, вели Финстад.
Финстад раскажува приказна за да нагласи дека дури и многу малите деца разбираат многу: Една од нејзините ќерки често седела во нејзиниот скут додека пееле и свиреле на пијано. Нотите немале слики. Единственото нешто што ги разликувало песните една од друга биле нотните записи и насловот. Уште кога нејзината ќерка имала нешто повеќе од една година, таа точно знаела на која страница треба да сврти за да ја најде песната што сакала да ја пее!
„Бебињата се вистински генијалци. Дефинитивно треба да ги сфатиме сериозно“, нагласува Финстад.
Користете бебешки говор
„Еј, мало другарче. Погледни го оној убав ав-ав таму…“ Зарем не е чудно како често почнуваме да зборуваме бебешки со најмалите? И како гласот автоматски ни се крева за еден тон?
Всушност, пренагласувањето на самогласките и јасното изговарање на зборовите му помага на јазичниот развој бидејќи „бебешкиот говор“ им помага на бебињата полесно да ги прифатат и препознаат зборовите.
– Тоа не значи дека треба да зборувате само така, комбинирањето со „нормален“ говор е сосема во ред. Најважно е да зборувате и да комуницирате со малечкото, посочува истражувачката.
Бебињата и времето поминато пред екран
Некои истражувачи сметаат дека треба целосно да ги држиме децата подалеку од технологијата како телевизија и таблети во првите две години од нивниот живот. Финстад во најголема мера се согласува со ова, но истакнува дека нема потреба од фанатизам. Таа има разбирање за тоа дека уморните родители понекогаш го користат тоа за да си олеснат.
– Бидете внимателни, но не и фанатични. Не се препорачува да го оставате вашето дете да седи пред телевизор или таблет секој ден, советува таа.
Постои и голема разлика помеѓу тоа да го оставите детето само да гледа детска програма и тоа да го правите заедно. Ако гледате нешто заедно, природно е да разговарате за она што се случува. Тогаш вие станувате посредник и го остварувате оној важен контакт што му помага на јазичниот развој.
Децата се развиваат со различно темпо
За оние од вас кои се чувствуваат малку под стрес бидејќи нивното дете сè уште не зборува, иако сите останати деца од групата за прошетка зборуваат во еден глас, Финстад има совет: Не стресирајте се.
– Децата се развиваат со различно темпо. Не го споредувајте вашето дете со другите и опуштете се.
На пример, двете деца на Финстад биле многу различни – едното зборувало течно кога имало 18 месеци, додека другото дури на три години.
– Но, и двајцата сега зборуваат одлично. Сè се среди во најдобар ред, вели основачката на Фабриката за истражување со насмевка во гласот.
Дали знаевте дека: Децата кои растат во двојазични домови се способни да учат два јазика во исто време.